Полнет крап
    За подготовка на ова јадење за 4 лица потребни ви се следниве производи:

- еден крап од 1 до 1,5 кгр.
- Магдонос
- 4 моркови
- 2 зелени пиперки
- 1 компир
- 2 домати
- 1 главица лук
- млад лук
- бело вино
- масло за јадење
- сол и црн пипер

Потребно време за подготовка на ова јадење е 50- тина минути.

На даската за сечење исчистениот крап го посолуваме и од внатрешната и од надворешната страна и го наросуваме со мелен црн пипер. Потоа крапот го засекуваме на неколку места, а во засецците ги редиме чешнињата лук. Потоа доматот го сечкаме на коцки, кои ги ставаме во еден поголем длабок сад. Потоа на коцки ги сечкаме пиперките и ги додаваме во садот. На исти таакви коцки ги сечкаме морковите па и нив ги додаваме во садот. Младиот лук го сечкаме на парчиња и го додаваме во садот. На исти коцки како и останатиот зеленчук го сечкаме компирот, па и него го додаваме во садот. Зачинуваме со мелен црн пипер и посолуваме. Додаваме масло за јадење и со лажица целата содржина во садот убаво ја промешуваме.

Земаме една тава за печење, обложена со алуминиумска фолија и ја попрскуваме со масло за јадење. Крапот го полниме со содржината од садот и го затвораме со дрвени стапчиња за ражњичи. Вака подготвен го ставаме крапот во тавата за печење. Во тавата го ставаме и преостанатиот зеленчук. Додаваме масло за јадење и бело вино по што тавата со крапот ја ставаме во фурна да се пече. Печеме на температура од 150 степени, четириесетина минути. Тавата со испечениот крап ја вадиме од фурната и ја ставаме на работната маса. Ги отстрануваме стапчињата со кои беше затворен крапот. Крапот го вадиме од тавата и го ставаме на чинија за сервирање риба. Од едната страна на чинијата го редиме испечениот зеленчук од тавата, а под главата и опашката на крапот ставаме листови зелена салата. Еден лимон го засекуваме во форма на два цвета кои ги ставаме на двата краја на чинијата. Потоа еден лимон чија кора е засечена во форма на ленти го сечеме на тенки парчиња. Парчињата лимон скалесто ги редиме врз испечениот крап. Декорираме со прокељ. Правиме форми од варен морков со кои ја доукрасуваме чинијата. Врз кругот лимон ставаме гранче магдонос, а врз цветовите од лимон цветови од ротквица. Со тоа полнетиот крап е подготвен.

Со ова јадење ви предлагаме да се напиете црвено вино.

Добар апетит.